Стар Завет

Нов Завет

Матеј 17:9-21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. И кога слегнуваа од гората, Исус им заповеда, велејќи: „Никому не кажувајте за ова привидение, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.”

10. И Неговите ученици Го прашаа, говорејќи: „Зошто тогаш книжниците велат, дека Илија најнапред мора да дојде?”

11. А Тој им одговори и рече: „Навистина Илија иде и ќе обнови сè.

12. Но, ви велам, дека Илија веќе дојде, и не го познаа, туку му направија како што сакаа. Така и Синот Човечки ќе пострада од нив.”

13. Тогаш учениците разбраа дека им зборуваше за Јована Крстител.

14. И кога дојдоа при мноштвото, еден човек Му пристапи, падна на колена пред Него и рече:

15. ”Господи, смилувај му се на мојот син, зашто е месечар и се мачи многу; зашто често паѓа во огнот и често во водата.

16. И го доведов при Твоите ученици, а тие не можеа да го исцелат.”

17. И Исус одговори и рече: „О, неверен и развратен роде! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука.”

18. И Исус го прекори, и излезе демонот од него, и момчето беше исцелено од тој час.

19. Тогаш учениците дојдоа при Исуса насамо и рекоа: „Зошто не можевме ние да го изгониме?”

20. А Тој им рече: „Заради вашето неверие; зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе и речете на оваа гора: ‘Премести се оттука таму!’, и ќе се премести, и ништо нема да ви биде невозможно.

21. А овој род не излегува освен преку молитва и постење.”

Прочитајте целосна глава Матеј 17