Стар Завет

Нов Завет

Матеј 10:17-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Чувајте се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бичуваат во своите синагоги.

18. Ќе ве изведуваат пред управителите и царевите, заради Мене, за сведоштво на нив и на народите.

19. А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во оној час ви е дадено што треба да кажете;

20. зашто не сте вие кои зборувате, туку Духот на вашиот Татко, Кој зборува во вас.

21. А братот ќе го предаде брата си на смрт, и таткото - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат.

22. И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.

23. Кога ќе ве гонат во градов, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да ги обиколите израелевите градови додека дојде Синот Човечки.”

24. ”Ученикот не е над учителот, ниту слугата над својот господар.

25. Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, колку повеќе неговите домашни!

26. Затоа, не бојте се од нив; зашто нема ништо покриено, што не ќе се открие, ниту сокриено што не ќе се дознае.

27. Што ви говорам во темнина, кажете го во светлина; и што ќе чуете на уво, прогласете го од покривите.

28. И не бојте се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Туку бојте се повеќе од Оној, Кој може да ги погуби и душата и телото во пеколот.

Прочитајте целосна глава Матеј 10