Стар Завет

Нов Завет

Марко 9:17-37 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. А еден од народот му одговори: „Учителе, Ти го доведов сина си, во кого е нем дух;

18. и кога го фаќа, го кутнува, а тој се пени, чкрта со забите и се здрвува. Им реков на Твоите ученици да го истераат, но не можеа.”

19. А Тој одговори и рече: „О неверен роде, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!”

20. И Му го доведоа. А штом духот го виде, веднаш го стресе и тој падна на земја, се тркалаше и се пенеше.

21. Тогаш го праша татка му: „Колку време има откако му се случува ова? А тој рече: „Од детството,

22. а често го фрла во оган и во вода - за да го погуби. Но, ако можеш нешто, смилувај ни се и помогни ни!”

23. Исус пак му рече: „Ако можеш нешто! Сè е можно на оној, кој верува!”

24. Таткото на детето веднаш извика и рече: „Верувам! Помогни му на моето неверие!”

25. А Исус штом виде дека придојдува народ, му се закани на нечистиот дух и му рече: „Нем и глув душе, Јас ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него!”

26. И извика, и го стресе силно детето и излезе. И беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело.

27. А Исус го фати за рака, го поткрена и тоа стана.

28. А кога дојде во една куќа, Неговите ученици Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?”

29. И им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.”

30. И кога замина оттаму, минуваа низ Галилеја, и не сакаше некој да научи за тоа;

31. имено, ги поучуваше Своите ученици и велеше: „Човечкиот Син ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат; и откако ќе Го убијат, Тој ќе воскресне на третиот ден.

32. Но тие не го разбраа тој збор, а се боеја да Го прашаат.”

33. И дојдоа во Капернаум, и кога беше во куќата, ги праша: „За што се расправавте патем?”

34. А тие молчеа, зашто патем се расправаа меѓусебно за тоа кој е поголем.

35. Тој пак седна, ги повика Дванаесетте и им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен и слуга на сите!”

36. Тогаш зеде едно детенце, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече:

37. ”Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној Кој Ме испратил.”

Прочитајте целосна глава Марко 9