Стар Завет

Нов Завет

Марко 5:21-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. И кога Исус пак премина со кораб на другата страна, многу народ се собра при Него, а Тој беше покрај морето.

22. И дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир и кога Го виде, падна пред Неговите нозе.

23. И Го молеше многу, велејќи: „Мојата ќерка е на умирање, дојди и положи ги рацете над неа - за да биде спасена и да живее!”

24. И отиде со него. И многу народ одеше по Него и Го притискаше.

25. И една жена, која страдаше од крвотечение дванаесет години,

26. и претрпела многу од мнозина лекари и си го потрошила целиот свој имот, а од тоа немаше никаква полза, туку и стана уште полошо;

27. откако чу за Исуса, дојде меѓу народот, одназад, и се допре до Неговата облека,

28. зашто си велеше: „Ако се допрам само и до Неговата облека, ќе се спасам!”

29. И веднаш и прекрати крвотечението и таа почувствува во телото дека е излекувана од болеста.

30. А Исус почувствува веднаш во Себе, дека сила излезе од Него, се сврте среде народот и рече: „Кој се допре до Мојата облека?”

31. Неговите ученици пак рекоа: „Гледаш дека народ Те притиска и велиш: ‘Кој се допре до Мене?’”

32. И Тој гледаше наоколу, за да види, кој го направи тоа.

33. А жената, уплашена и растреперена - зашто знаеше што стана со неа - дојде и падна пред Него и Му ја кажа сета вистина.

Прочитајте целосна глава Марко 5