Стар Завет

Нов Завет

Марко 4:1-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И пак почна да поучува покрај морето. И се собра околу Него многу народ, така што влезе во кораб и седеше на морето, а целиот народ беше на копното, покрај морето.

2. И ги поучуваше многу со параболи; и им рече во Својата поука:

3. ”Слушајте! Ете, излезе сејач да сее.

4. И кога сееше, едно зрно падна покрај патот, и дојдоа птици и го исколваа.

5. Друго падна на каменлива почва, каде немаше многу земја; и никна брзо, зашто немаше длабока земја.

6. А кога сонцето изгреа, овена и бидејќи немаше корен се исуши.

7. И друго падна во трње, и трњето израсна и го загуши, па не донесе плод.

8. А друго падна на добра земја и донесе плод, кој напредуваше и растеше, и принесе: едно триесет, и друго шеесет, а друго сто.”

9. И рече: „Кој има уши да слуша, нека слуша!”

10. А кога остана Сам, Го прашаа за параболата оние, кои беа околу Него со Дванаесетмината.

11. И им рече: „Вам ви е дадена тајната на Божјото Царство, а на оние кои се надвор, сè биднува во параболи,

12. за ‘гледајќи да гледаат и да не видат; и слушајќи да слушаат, а да не разбираат, за да не се покајат и да не им биде простено’.”

13. И им рече: „Не ја разбирате ли оваа приказна? А како ќе ги разберете сите параболи!

14. Сејачот сее слово.

15. Оние, покрај патот, каде се сее словото, се оние кај кои - кога ќе го чујат - веднаш доаѓа сатаната и го грабнува словото, посеано во нив.

16. Исто, посеани врз каменлива почва се оние, кои - штом го чујат словото - го примаат со радост,

17. но немаат во себе корен, туку се непостојани, и кога ќе дојде неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат.

Прочитајте целосна глава Марко 4