Стар Завет

Нов Завет

Марко 15:5-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. Но Исус веќе ништо не одговори, така што Пилат се чудеше.

6. А на секој празник им пушташе по еден затвореник, кого ќе го побараа.

7. Беше во окови наречениот Варава, со своите собунтовници, кои во буната беа извршиле убиство.

8. И народот извика гласно и почна да го бара она, што секогаш им го правел.

9. А Пилат им одговори, велејќи: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?”

10. Зашто знаеше дека првосвештениците Го предадоа од завист.

11. Но првосвештениците го наговорија народот: подобро да им го пушти Варава.

12. А Пилат пак одговори и им рече: „Тогаш, што да направам со Оној, Кого Го викате Јудејски Цар?”

13. Но тие извикаа повторно: „Распни Го!”

14. Пилат пак им рече: „Какво зло направил?” Но тие извикаа уште посилно: „Распни Го!”

15. Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат.

16. Војниците Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета.

17. И Му облекоа пурпурна облека; сплетоа венец од трње и го положија на Него.

18. И почнаа да Го поздравуваат: „Здраво, Јудејски Царе!”

19. И Го удираа со трска по главата, Го плукаа и паѓајќи на колена Му се клањаа.

20. А кога Му се наругаа, ја соблекоа од Него пурпурната наметка и Му ја облекоа Неговата облека, и Го поведоа да Го распнат.

21. И натераа еден минувач, Симон Киринеец, кој се враќаше од полето, татко Александров и Руфов, да го носи Неговиот крст.

22. И Го доведоа на местото Голгота, што значи Место На Черепи.

Прочитајте целосна глава Марко 15