62. А Исус рече: „Јас Сум. И вие ќе Го видите Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како иде со небесните облаци.”
63. Тогаш првосвештеникот ја раскина својата облека и рече: „Зошто ни се потребни веќе сведоци?
64. Чувте богохулство! Како ви се гледа?” А тие сите Го осудија дека заслужува смрт.
65. И некои почнаа да Го плукаат и да Му го покриваат лицето, да Го удираат со тупаници и да Му велат: „Проречи!” И слугите Го удираа по образите.
66. И кога Петар беше долу, во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот;
67. и кога го виде Петра, како се грее, го погледна и му рече: „И ти беше со Исуса Назареецот!”
68. Но тој одрече, велејќи: „Ниту знам, ниту разбирам што зборуваш!” И излезе надвор во преддворјето и петел запеа.
69. А слугинката го виде и почна пак да им зборува на оние, кои стоеја таму: „И овој е од нив!”
70. А тој пак одрече. Подоцна, оние, кои стоеја таму, пак му рекоа на Петра: „Навистина си од нив, зашто и ти си Галилеец а и говорот се сложува.”
71. А тој почна да се колне и да се заколнува: „Не Го познавам човекот за Кого зборувате.”
72. И веднаш петелот запеа по вторпат. А Петар се сети на зборовите, што му ги рече Исус: „Пред петелот да запее двапати, трипати ќе се одречеш од Мене.” И почна да плаче.