Стар Завет

Нов Завет

Марко 14:37-53 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

37. И дојде и ги најде како спијат; и му рече на Петра: „Симоне, спиеш ли! Не можеше ли да бидеш буден еден час!

38. Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо.”

39. И пак отиде и се помоли, изговарајќи ја истата молитва.

40. Кога се врати, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале и не знаеја што да му одговорат.

41. И дојде по третпат и им рече: „Сè уште спиете и почивате!” Доста е, часот дојде! Еве, Го предаваат Човечкиот Син во грешнички раце.

42. Станете, да одиме! Еве, наближи Мојот предавник!”

43. И веднаш, додека Тој уште зборуваше, дојде Јуда - еден од Дванаесетмината, и со него множество, со мечеви и со стапови; испратени од главните свештеници, книжниците и старешините.

44. А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е; фатете Го Него и одведете Го внимателно.”

45. И кога дојде, веднаш Му пристапи и рече: „Рави! Рави! И Го целива топло.”

46. А тие ставија раце на Него и Го фатија.

47. А еден од оние, кои стоеја таму, истрга меч и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото.

48. Исус пак одговори и им рече: „Излеговте како на разбојник, со мечеви и стапови, за да Ме фатите!

49. Секој ден бев при вас, во Храмот, и поучував, но не Ме фативте. Но, Писмата треба да се исполнат!”

50. Тогаш, сите Го оставија и се разбегаа.

51. А по Него одеше еден млад човек, наметнат со платно на голото тело, и го фатија него;

52. но тој го остави платното и избега гол од нив.

53. И Го одведоа Исуса при првосвештеникот, и се собраа сите главни свештеници, старешини и книжници.

Прочитајте целосна глава Марко 14