Стар Завет

Нов Завет

Марко 14:2-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. но зборуваа: „Не на празникот, за да не се побуни народот.”

3. И кога беше во Витанија, во куќата на Симон лепрозниот, додека беше прилегнат покрај трпезата, дојде една жена, која имаше сад од алабастер, со чисто скапоцено нардово миро; таа го скрши садот од алабастер и го излеа мирото врз Неговата глава.

4. А некои негодуваа, говорејќи меѓу себе: „Зошто да се растура така мирото!

5. Имено, мирото можеше да биде продадено за повеќе од триста денарии и да им се даде на сиромасите!” И негодуваа против неа.

6. Но Исус рече: „Оставете ја! Зошто и досадувате? Таа направи добро дело на Мене.

7. Зашто бедните ги имате секогаш со себе, и можете да им направите добро кога ќе посакате; а Мене Ме немате секогаш.

8. Таа направи што можеше; Го помаза предвреме Моето тело за погребение.

9. И вистина ви велам, каде и да биде проповедано Евангелието, по целиот свет, ќе се раскаже и што направи таа, за нејзин спомен.”

10. И Јуда Искариотски, еден од Дванаесетмината, отиде при првосвештениците, за да им Го предаде.

11. А тие, кога чуја, се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници. И бараше погоден случај, за да Го предаде.

12. А во првиот ден на Бесквасните лебови, кога колеа за Пасха, Неговите ученици Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме за да ја јадеш Пасхата?”

13. И испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во град и ќе ве сретне човек, кој носи вода во врчва. Одете по него

14. и каде ќе влезе, речете му на домаќинот: „Учителот праша: „Каде е Мојата соба, каде ќе ја јадам Пасхата со Моите ученици?”

15. И тој ќе ви покаже голема соба - горница, послана, приготвена; згответе ни таму!”

16. И Неговите ученици излегоа и отидоа во градот, и најдоа како што Тој им рече, па ја приготвија Пасхата.

17. А кога се свечери, дојде со Дванаесетмината.

18. И кога беа прилегнати покрај трпезата и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам, еден од вас - кој јаде со Мене - ќе Ме предаде.”

19. Тие се нажалија и почнаа да Му велат еден по еден: „Да не сум јас?” А друг: „Дали јас?”

Прочитајте целосна глава Марко 14