Стар Завет

Нов Завет

Марко 10:29-40 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

29. Исус пак одговори и рече: „Вистина ви велам: нема никој, кој ќе остави куќа или браќа, или сестри, или мајка или татко, или деца, или ниви, заради Мене и заради Евангелието,

30. а да не прими, сега стократно, во ова време: куќи, и браќа, и сестри, и мајки, и деца и ниви - заедно со гонењата - а во идниот век: вечен живот.

31. Но мнозина први ќе бидат последни, а последните - први.”

32. А кога беа на пат искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, и се чудеа; а оние кои одеа по Него се боеја. И пак ги собра Дванаесетмината и почна да им кажува што ќе Му се случи:

33. ”Ете, одиме горе во Ерусалим и Човечкиот Син ќе биде предаден на главните свештеници и на книжниците и ќе Го осудат на смрт, и ќе Го предадат на многубошците;

34. и ќе Го исмеат, ќе Го плукаат, ќе Го бичуваат и ќе Го убијат, а Тој по три дни ќе воскресне.”

35. И Му пристапија Јаков и Јован, Зеведеевите синови, и Му рекоа: „Учителе, сакаме да ни сториш, што ќе побараме од Тебе.”

36. Тој ги праша: „Што сакате да ви направам?”

37. Тие пак Му рекоа: „Дај ни да седнеме еден оддесно, а еден одлево, до Тебе во Твојата слава!”

38. А Исус им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата што Јас ја пијам или да се крстите со крштавањето со кое Јас се крштавам?”

39. Тие Му одговорија: „Можеме!” Но Исус им рече: „Ќе ја пиете чашата што Јас ја пијам и ќе бидете крстени со крштавањето со кое Јас се крштавам;

40. но да се седне оддесно или одлево до Мене, тоа не го давам Јас, а ќе им се даде на оние, за кои е приготвено.”

Прочитајте целосна глава Марко 10