Стар Завет

Нов Завет

Марко 10:18-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. А Исус му рече: „Зошто Ме наречуваш добар! Никој не е добар освен Единиот Бог.

19. Ги знаеш заповедите: „Не убивај! Не прави прељуба! Не кради! Не сведочи лажно! Не измамувај! Почитувај ги татка си и мајка си!”

20. Но тој Му одговори: „Учителе, сето тоа го пазев од својата младост.”

21. А Исус го погледна, го возљуби и му рече: „Едно не ти достига: оди, продај сè што имаш, и дај им на сиромасите и ќе имаш сокровиште на небото! И дојди, земи го крстот и следи Ме!”

22. А тој се натажи од тој збор и си отиде жалејќи, зашто имаше многу имоти.

23. И Исус погледна наоколу и им рече на Своите ученици: „Колку тешко ќе влезат богатите во Божјото Царство!”

24. А учениците се зачудија од Неговите зборови. Но Исус пак проговори и им рече: „Чеда, колку е тешко да влезат во Божјото Царство, оние кои се надеваат на богатство!

25. Полесно и е на камилата да помине низ иглени уши, отколку богат да влезе во Божјото Царство!”

26. А тие се зачудија уште повеќе, велејќи си еден на друг: „Тогаш, кој може да се спаси?”

27. Исус ги погледна и им рече: „За луѓето тоа е невозможно, но за Бога не е; зашто за Бога сè е можно!”

28. Петар почна да Му зборува: „Гледај, ние оставивме сè и одиме по Тебе!”

29. Исус пак одговори и рече: „Вистина ви велам: нема никој, кој ќе остави куќа или браќа, или сестри, или мајка или татко, или деца, или ниви, заради Мене и заради Евангелието,

30. а да не прими, сега стократно, во ова време: куќи, и браќа, и сестри, и мајки, и деца и ниви - заедно со гонењата - а во идниот век: вечен живот.

31. Но мнозина први ќе бидат последни, а последните - први.”

Прочитајте целосна глава Марко 10