Стар Завет

Нов Завет

Лука 21:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаат своите дарови во благајната.

2. А виде и една бедна вдовица, како пушти таму две лепти,

3. и рече: „Вистина ви велам, беднава вдовица пушти повеќе од сите,

4. зашто сите овие приложија дар за Бога, од својот вишок; а таа од својата немаштија: пушти сè што имаше за живеење.”

5. И кога некои зборуваа за Храмот дека е украсен со убави камења и со заветни дарови, Тој им рече:

6. ”Ќе дојдат дни кога од ова што го гледате, не ќе остане ни камен на камен, што не ќе биде урнат!”

7. А тие Го прашаа, велејќи: „Учителе, кога ќе биде тоа, и каков е знакот, дека тоа ќе стане?”

8. Тој пак рече: „Внимавајте да не ве заведат, зашто мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: ‘Јас сум’ и ‘времето приближило!’ Не одете по нив!

9. Кога ќе чуете за војни и буни, не плашете се! Зашто тоа треба прво да стане, но не е веднаш свршетокот!”

10. Тогаш им рече: „Ќе се подигне народ против народ и царство против царство;

11. ќе има големи земјотреси, а на разни места ќе има глад и помор; ќе има стравотии и големи знаци на небото.

12. Но пред сè тоа, ќе стават раце на вас и ќе ве гонат; ќе ве предаваат во синагогите и во темници; ќе ве водат пред цареви и управители заради Моето име.

13. Тоа ќе ви овозможи да сведочите.

Прочитајте целосна глава Лука 21