1. Имено, сакам да знаете колкава борба имам за вас, и за оние во Лаодикија, и за сите кои што не ме виделе лично,
2. за да се утешат нивните срца и соединети во љубовта да дојдат до сето богатство на полната уверност на разбирањето, до познавањето на тајната на Бога, и на Христа,
3. во Кого се сокриени сите богатства на мудроста и на знаењето.
4. А ова го велам за да не ве измами некој со убедувачки зборови.
5. Зашто, иако сум отсутен во телото, во духот сум со вас; и се радувам гледајќи ги вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христа.
6. И така, како што Го примивте Христа Исуса, Господа, така и да одете во Него:
7. вкоренети и надѕидани во Него и зацврстени во верата, како што сте поучени, изобилувајќи во благодарноста.
8. Пазете да не ве зароби некој со философија и со суетна измама по човечко предание, според стихиите на светот, а не според Христа.
9. Зашто во Него живее сета полнота на Божеството,
10. и вие сте исполнети во Него, Кој е Глава на секое началство и власт.