28. Исус пак, поучувајќи во Храмот, извика и рече: „И Мене Ме познавате, а знаете и од каде Сум; не дојдов Сам од Себе, туку е вистински Оној, Кој Ме пратил, Кого вие не Го познавате.
29. Јас Го знам, зашто Сум од Него и Тој Ме прати.”
30. Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него, зашто уште не беше дошол Неговиот час.
31. А мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, дали ќе направи повеќе чуда, отколку што направи Овој?”
32. Фарисеите чуја дека народот зборува така за Него, па првосвештениците и фарисеите испратија служители да Го фатат.
33. Тогаш Исус рече: „Уште малку време Сум со вас, потоа заминувам кај Оној, Кој Ме пратил.
34. Ќе Ме барате и нема да Ме најдете, и каде Сум Јас, вие не можете да дојдете.”
35. Тогаш Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој, па да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при расеаните меѓу Грците и да ги поучува Грците?
36. Што значи зборот, што го рече: ‘Ќе Ме барате и нема да Ме најдете;’ и: ‘каде Сум Јас, вие не можете да дојдете?’
37. А во последниот, големиот ден на празникот Исус застана и извика, велејќи: „Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие.
38. Кој верува во Мене - како што е кажано во Писмото - „од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.”
39. Тоа го рече пак за Духот, Кого ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; зашто Духот уште не беше слезен, зашто Исус уште не беше прославен.
40. А некои од народот, кои ги чуја тие зборови, рекоа: „Овој е навистина Пророкот.
41. Други велеа: „Овој е Христос.” Трети пак прашуваа: „Зар Христос ќе дојде од Галилеја?
42. Зар Писмото не рече дека Христос ќе дојде од Давидовото семе, и од гратчето Витлеем, каде беше Давид?”
43. Така настана раздор во народот заради Него.
44. А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.