8. Еден од Неговите ученици, Андреј братот на Симона Петра, Му рече:
9. ”Тука има едно момче, кое има пет јачмени лебови и две риби; но што е тоа за толкаво множество?”
10. А Исус рече: „Нека поседнат луѓето!” Имено, имаше многу трева на местото, па поседнаа луѓето, на број околу пет илјади.
11. Тогаш, Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги раздаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, колку што сакаа.
12. Кога се наситија, им рече на Своите ученици: „Соберете ги останатите парчиња, за да не пропадне ништо!”
13. И така, ги собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња од петте јачмени лебови, што им останаа на оние, кои јадеа.
14. Луѓето, кога го видоа чудото што го направи, рекоа: „Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот.”
15. Исус, - штом разбра дека сакаат да дојдат и да го одвлечат насила, за да Го направат цар - пак се повлече сосем Сам во гората.
16. Кога се приквечери, Неговите ученици слегоа до морето,
17. и влегоа во кораб и отидоа преку морето во Капернаум. Веќе се стемни, а Исус уште не беше дојден при нив.