52. Тогаш Јудејците се препираа меѓу себе и велеа: „Како може Овој да ни го даде Своето тело да го јадеме?”
53. Тогаш Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: ако не го јадете телото на Човечкиот Син и не ја пиете Неговата крв, не ќе имате живот во себе.
54. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.
55. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв - вистинско питие.
56. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв - останува во Мене и Јас во него.
57. Како што Мене Ме испрати живиот Татко, и Јас живеам преку Таткото, така и оној кој Ме јаде Мене, ќе живее преку Мене.
58. Ова е лебот што слезе од небото. Не како што вашите татковци јадеа мана и изумреа, кој јаде од овој леб, ќе живее довека.”
59. Ова го рече кога поучуваше во Капернаум, во синагогата.
60. Мнозина од Неговите ученици, штом го чуја тоа, рекоа: „Тешка е оваа беседа! Кој може да ја слуша?”
61. Бидејќи Исус знаеше во Себе дека Неговите ученици негодуваат заради тоа, им рече: „Зар ова ве соблазнува?
62. А ако Го видите Човечкиот Син да се вознесува горе - каде што бил порано?
63. Духот е оној, кој оживува; телото не помага ништо. Зборовите што ви ги реков се дух и живот.
64. Но има некои од вас, кои не веруваат. „Зашто Исус знаеше од почеток кои не веруваат и кој ќе Го предаде.
65. И рече: „Затоа ви реков, дека никој не може да дојде при Мене, ако не му е дадено од Мојот Татко.”
66. Оттогаш мнозина од Неговите ученици се вратија и не одеа веќе со Него.
67. А Исус им рече на Дванаесетмината: „Да не сакате и вие да си отидете?”
68. Симон Петар Му одговори: „Господи, при кого да отидеме? Ти имаш зборови на вечен живот.
69. Ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог.”
70. Исус им одговори: „Зар не ве избрав Јас - Дванаесетмината? Но еден од вас е ѓавол.”