Стар Завет

Нов Завет

Јован 19:23-36 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу;

24. си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!” за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците.

25. А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена.

26. А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, и рече на мајка си: „Жено, ете ти син!”

27. Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе.

28. По ова Исус, знаејќи дека е свршено сè, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!”

29. Таму имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста.

30. Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!” па ја наведна главата и го предаде духот.

31. Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат.

32. Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него;

33. и кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете,

34. туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода.

35. И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина - за да верувате и вие.

36. Имено, сè ова се случи, за да се исполни Писмото: „Неговата коска нема да се скрши.”

Прочитајте целосна глава Јован 19