Стар Завет

Нов Завет

Јаков 3:2-17 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. Зашто сите ние грешиме многу. Ако некој не греши во зборувањето, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело.

3. И кога на коњите им ставаме узда во устата, за да ни се покоруваат, и можеме да управуваме со целото нивно тело.

4. Ете, и корабите, иако се толку големи и се гонети од силни ветрови, со нив управува мошне мала крмичка, каде што сака кормиларовата волја.

5. Така и јазикот е мал член, но се фали со големи работи. Ете, како мал оган запалува голема шума!

6. И јазикот е оган, свет на неправда; јазикот се наоѓа меѓу нашите членови: го онечистува целото тело и, потпален од пеколот, го запалува текот на нашиот живот.

7. Зашто, секаков вид ѕверови и птици, лазачи и морски животни, се скротуваат и се скротени од човечкиот род,

8. но никој од луѓето не може да го скроти јазикот, немирно зло, полн со смртоносен отров.

9. Со него Го благословуваме нашиот Господ и Татко, и со него ги проколнуваме луѓето, кои се создадени според Божјо подобие.

10. Од истата уста излегува благослов и проклетство. Тоа не смее, браќа мои, да биде така.

11. Тече ли од изворот, од ист отвор, слатка и горчлива вода?

12. Може ли, браќа мои, смоквата да роди маслинки, или лозата смокви? Така ни солениот извор не може да даде слатка вода.

13. Кој е меѓу вас мудар и разумен? Со добро владеење нека ги покаже своите дела во мудра смиреност.

14. Ако ли пак во своето срце имате горчлива завист и карање, не се фалете и не лажете против вистината!

15. Тоа не е мудрост, која слегува одозгора, туку е земна, душевна, демонска;

16. зашто каде се зависта и карањато, таму е неред и секакво лошо нешто.

17. А мудроста која доаѓа одозгора, пред сè: е чиста, потоа мирољубива, блага, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна.

Прочитајте целосна глава Јаков 3