Стар Завет

Нов Завет

Јаков 3:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Не бидете, браќа мои, мнозина од вас учители, зашто знаеме дека ќе бидеме построго осудени за тоа.

2. Зашто сите ние грешиме многу. Ако некој не греши во зборувањето, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело.

3. И кога на коњите им ставаме узда во устата, за да ни се покоруваат, и можеме да управуваме со целото нивно тело.

4. Ете, и корабите, иако се толку големи и се гонети од силни ветрови, со нив управува мошне мала крмичка, каде што сака кормиларовата волја.

5. Така и јазикот е мал член, но се фали со големи работи. Ете, како мал оган запалува голема шума!

6. И јазикот е оган, свет на неправда; јазикот се наоѓа меѓу нашите членови: го онечистува целото тело и, потпален од пеколот, го запалува текот на нашиот живот.

7. Зашто, секаков вид ѕверови и птици, лазачи и морски животни, се скротуваат и се скротени од човечкиот род,

8. но никој од луѓето не може да го скроти јазикот, немирно зло, полн со смртоносен отров.

9. Со него Го благословуваме нашиот Господ и Татко, и со него ги проколнуваме луѓето, кои се создадени според Божјо подобие.

10. Од истата уста излегува благослов и проклетство. Тоа не смее, браќа мои, да биде така.

11. Тече ли од изворот, од ист отвор, слатка и горчлива вода?

12. Може ли, браќа мои, смоквата да роди маслинки, или лозата смокви? Така ни солениот извор не може да даде слатка вода.

Прочитајте целосна глава Јаков 3