1. Затоа да ја оставиме почетната наука за Христа и да се обрнеме кон полна зрелост, не поставувајќи пак основа за покајание од мртвите дела и верата во Бога;
2. учењето за крштавањата, за полагање на раце, за воскресението на мртви и за вечниот суд.
3. И тоа ќе го направиме ако дозволи Бог.
4. Зашто е невозможно оние кои еднаш се просветени и кои го вкусиле небесниот дар, станувајќи учесници на Светиот Дух
5. и кои ги вкусиле: доброто Божјо слово и силите на идниот век,
6. а сепак отпаднале - пак повторно да бидат обновени за покајание, зашто тие повторно Го распнуваат за себеси Божјиот Син и Го срамат отворено.
7. Зашто земјата која го впива дождот, што често паѓа на неа, и која им раѓа полезни растенија на оние за кои и се обработува, добива благослов од Бога;
8. но ако раѓа трње и боцки, не чини и е близу до проклетството; нејзиниот крај е во горењето.
9. А за вас, возљубени наши, иако зборуваме вака, сме уверени за подоброто кое го придружува спасението.
10. Зашто Бог не е неправеден па да ги заборавил вашето дело и љубовта, што ја покажавте кон Неговото име, откако им послуживте и им служите на светите.
11. Но ние сакаме: секој од вас до крај да ја покаже истата ревност, за да се исполни надежта наполно,
12. и да не бидете мрзливи, туку да се угледате на оние, кои преку вера и трпение го наследуваат ветувањето.
13. Зашто кога Бог му даде ветување на Авраама, немајќи никој поголем за да се заколне во него, се заколна Сам во Себе,