4. откако Бог го посведочи со знаци, и со чуда, и со разни сили, и со раздавање на Светиот Дух според Својата волја.
5. Зашто не им го покори на ангелите идниот свет, за кого што зборуваме;
6. но некој некаде посведочи и рече: „Што е човекот, та да го спомнуваш; или човечкиот син, та да го посетуваш?
7. Само за малку си го направил помал од ангелите, и си го овенчал со слава и чест и си го поставил над делата од Твоите раце;
8. сè си потчинил под неговите нозе.”А кога му покори сè, ништо не му остави непокорено. Но сега уште не гледаме дека му е покорено сè.
9. Но Го гледаме Исуса „Кој беше направен само за малку понизок од ангелите” - овенчан со слава и чест заради смртното страдање, та по Божјата благодат да ја вкуси смртта за сите.
10. Зашто Му прилегаше Нему, заради Кого е сè и преку Кого е сè, откако приведе многу синови во слава, преку страдањата да Го усоврши Началникот на нивното спасение.
11. Зашто и Оној Кој осветува и оние кои се осветувани, сите се од Еден; затоа не се срами да ги нарече браќа
12. кога вели: „Ќе им го навестам Твоето име на Своите браќа, ќе Те фалам среде собранието,”
13. и пак: „Јас ќе се надевам на Него,” и пак: „Еве јас и моите деца, кои ми ги даде Бог.”
14. Бидејќи пак децата имаат учество во месото и крвта, така и Тој зеде учество во тоа, и со смртта да го уништи оној, кој ја имаше власта над смртта, односно ѓаволот,
15. и да ги избави оние, кои заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство.