поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6

Стар Завет

Нов Завет

Ефешаните 5 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И така, угледајте се на Бога, како возљубени деца,

2. и одете во љубов, како што и Христос ве љубеше вас и Се предаде Себеси за нас, како принос и жртва на Бога за благопријатен мирис.

3. А блудството и секаква нечистота или лакомост, да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светите!

4. Ниту срамни и празни зборови, ниту смешки, што се неприлични, туку подобро благодарност!

5. Зашто, знајте го ова добро: ниеден блудник, ниеден нечист, ниеден лакомец - кој е идолопоклоник - нема наследство во Христовото и Божјото Царство!

6. Никој да не ве мами со празни зборови, зашто заради тие нешта доаѓа Божјиот гнев врз непокорните синови.

7. И така, не бидете нивни соучесници!

8. Зашто некогаш бевте темнина, но сега сте светлина во Господа; живеете како деца на светлината,

9. а плодот на Духот се состои во секаква добрина, во праведност и во вистина!

10. Испитувајте што Му е угодно на Господа!

11. И не бидете соучесници во бесплодните дела на темнината, туку подобро: прекорувајте ги!

12. Зашто е срамно да се зборува и за она што тие го вршат потајно.

13. А сè што се прекорува станува јавно преку светлината, зашто сè што станува јавно, светлина е.

14. Затоа се вели: „Стани, ти кој спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!”

15. И така, внимавајте грижливо како живеете! Не како немудри, туку како мудри;

16. искупувајте го времето, зашто дните се зли!

17. Затоа не бидете неразумни, туку разберете што е Господова волја!

18. И не се пијанете со вино, во кое е разузданоста, туку полнете се со Духот!

19. Зборувајте си еден на другиот со псалми, и химни, и со духовни песни! Пејте Му на Господа и воспевајте Го во вашите срца!

20. Благодарете Му секогаш за сè на Бог и Таткото, во името на нашиот Господ Исус Христос!

21. Покорувајте се еден на друг во страв од Христа!

22. Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господа,

23. зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос Глава на Црквата, и Тој е Спасител на Телото!

24. И како што Црквата Му се покорува на Христа, така да им бидат и жените покорни во сè на своите мажи.

25. Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос ја возљуби Црквата и Се предаде Сам Себеси за неа,

26. за да ја освети, очистувајќи ја со водно капење во словото,

27. и да ја претстави пред Себе славната Црква, која нема дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна.

28. Така и мажите се должни да ги љубат своите жени како своите тела. Кој ја љуби својата жена, се љуби себеси.

29. Зашто никој никогаш не го замразил своето тело. Но го храни и го стоплува како и Христос Црквата.

30. Зашто, ние сме членови на Неговото Тело - од Неговото месо и Неговите коски.

31. ”Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи кон својата жена, и двајцата ќе станат едно тело.”

32. Оваа тајна е голема - а јас зборувам гледајќи на Христос и на Црквата.

33. И така, секој од вас да ја љуби својата жена како себеси, а жената да го почитува својот маж.