поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6

Стар Завет

Нов Завет

Ефешаните 4 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Затоа ве молам, јас затвореник во Господа, да живеете достојно според звањето во кое сте повикани:

2. со секаква понизност и кроткост, со трпеливост, поднесувајќи се едни со други во љубов!

3. Настојувајте да го запазите единството на Духот во врската на мирот.

4. Едно тело и еден Дух, како што сте и вие повикани во една надеж на вашето звање;

5. еден Господ, една вера и едно крштавање;

6. еден Бог и Татко на сите, Кој е над сите, и преку сите и во сите.

7. А секому од нас му е дадена благодатта според мерката на Христовиот дар.

8. Затоа се вели: „Издигајќи се на височина, поведе робје; им даде дарови на луѓето.”

9. А „се издигна” - што значи друго, туку дека слегол во долните места на земјата?

10. Тој Кој слезе, тоа е Оној истиот, Кој се издигна над сите небеса, за да исполни сè.

11. И Тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители,

12. за да се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото Тело,

13. додека сите не дојдеме до единството на верата и на познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст:

14. за да не бидеме веќе деца, кои ги лулее и ги носи секој ветар на науката, што - со човечката измама и лукавство - доведува до итро измислени заблуди.

15. Туку, говорејќи ја вистината, во љубов, ние треба да растеме во сè - кон Него, Кој е Глава, Христос.

16. Од Него целото Тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секој дел дава поткрепа според една мерка на секој одделен дел; тоа прави Телото да расте за својата сопствена надградба во љубов.

17. Ова го велам и сведочам во Господа, да не живеете веќе како што одат народите во суетата на својот ум,

18. помрачени во својот разум, оттуѓени се од Божјиот живот, заради незнаењето кое владее во нив, заради закоравеноста на нивното срце.

19. Откако го изгубија чувството, тие и се предадоа себеси на разузданоста, за да прават секаква нечистота во лакомост.

20. А вие не Го познавте така Христа,

21. ако сте чуле за Него и ако сте во Него поучени онака, како што е вистината во Исуса;

22. во однос на својот поранешен живот, вие треба да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби,

23. и да се обновувате во духот на својот ум,

24. и да се облечете во новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината.

25. Затоа отфрлете ја лагата и зборувајте вистина секој со својот ближен, зашто сме членови едни на други!

26. Ако сте гневни, не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев,

27. и не давајте му место на ѓаволот!

28. Кој крадел, да не краде веќе! Подобро е да се труди и да работи со своите раце она што е добро, за да може да му дава на оној, кој има потреба!

29. Никаков гнил збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, - каде е потребно, за да им даде благодат на слушателите.

30. И не жалостете Го Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето!

31. Секое огорчение, и јарост, и гнев, и викање и хулење, да бидат отстранети од вас, со секаква злоба.

32. Бидете еден кон друг добри, милостиви, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христа.