Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 9:24-39 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

24. Но Павле узна за нивниот заговор. А тие ги чуваа градските врати, дење и ноќе, за да го убијат.

25. Но учениците го зедоа и го спуштија ноќе во кошница преку ѕидот.

26. А кога дојде во Ерусалим, се обидуваше да им се доближи на учениците; но сите се боеја од него, зашто не веруваа дека е ученик.

27. Тогаш Варнава го зеде и го одведе при апостолите и им раскажа како патем Го видел Господа, и дека му зборуваше, и како во Дамаск проповедаше смело во Исусовото Име.

28. И со нив влегуваше во Ерусалим, и излегуваше,

29. проповедајќи смело во Господовото име. Зборуваше и се препираше со елинистите, а тие гледаа да го убијат.

30. А кога браќата го научија тоа, го одведоа во Ќесарија, и оттаму го испратија во Тарс.

31. И така, црквите по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир; се изградуваа и одеа во Господовиот страв и со утехата на Светиот Дух, се намножуваа.

32. А кога Петар ги обиколуваше сите, дојде и при светите, кои живееја во Лида.

33. Таму најде еден човек, по име Енеј, кој лежеше осум години парализиран на постела.

34. И Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува; стани и направи си го леглото!” И тој стана веднаш.

35. И го видоа сите жители во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа.

36. А во Јопија беше една ученичка по име Тавита, што преведено на елински значи Срна. Таа беше полна со добри дела и милостини, што ги правеше.

37. Во оние денови се разболе и умре; ја искапија и ја ставија во горната соба.

38. А бидејќи Лида е близу до Јопија, учениците чуја дека Петар е во Лида и испратија при него два човека со молба: „Не се двоуми да дојдеш до нас!”

39. А Петар стана и отиде со нив. Кога дојде, го одведоа во собата; и му пристапија сите вдовици плачејќи и покажувајќи му ги туниките и облеките, што ги правеше Срна додека беше со нив.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 9