Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 3:9-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Така целиот народ го виде како оди и Го фали Бога.

10. И го препознаа дека е тоа оној, кој седеше пред Красната Врата на Храмот поради милостина, и се исполнија со восхит и беа вон себе заради она, што му се случи.

11. А бидејќи тој се држеше за Петар и Јован, сиот зачуден народ се собра околу нив во тремот наречен Соломонов.

12. А кога Петар го виде тоа, му проговори на народот: „Мажи Израелци, зошто се чудите на ова или зошто гледате на нас, како ние со своја сила или побожност направивме овој да оди?

13. Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на нашите татковци, Го прослави Својот Син Исуса, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред Пилата, кога тој одлучи да Го ослободи.

14. Вие се одрековте од Светецот и Праведникот, и молевте да ви се подари еден убиец,

15. а Го убивте Зачетникот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што сме ние сведоци.

16. И затоа што веруваме во Неговото име, - Неговото име го зацврсти овој, кого го гледате и познавате. А верата до која доаѓаме преку Него, му даде целосно здравје пред сите вас.

17. И сега браќа, знам дека вие како и вашите началници, го направивте тоа од незнаење.

18. Но, Бог на тој начин го исполни тоа, што го навестуваше однапред, преку устата на сите пророци: дека Неговиот Христос ќе пострада.

19. Затоа, покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат, од лицето на Господа времиња на освежување,

20. и да Го испрати Претскажаниот за вас Исуса Христа,

21. Кого небото треба да Го прими до времето, кога ќе биде воспоставено сè, за кое Бог зборуваше од древноста преку устата на Своите свети пророци.

22. Зашто Мојсеј рекол: „Господ Бог ќе ви издигне од вашите браќа Пророк - како мене, слушајте Го Него во сè што ќе ви рече!

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 3