Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 27:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А кога беше решено да отпловиме за Италија, му ги предадоа Павла и некои други затвореници на еден стотник од Августовата чета, по име Јулие.

2. Влеговме во еден адрамиски брод, кој ќе пловеше во азиски приморски места и испловивме; со нас беше Аристарх, Македонец од Солун.

3. На другиот ден пристигнавме во Сидон, и Јулие - кој постапуваше човекољубиво со Павла, му дозволи да отиде при своите пријатели, за да се погрижат за него.

4. А кога тргнавме оттаму, пловевме во завет под Кипар, зашто ветровите беа спротивни.

5. Откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, стигнавме во Ликиска Мира.

6. Таму стотникот најде еден александриски брод, што пловеше за Италија, и нè префрли во него.

7. Повеќе денови пловевме бавно и одвај стигнавме спроти Книд; бидејќи ветерот ни пречеше да допловиме таму, пловевме покрај Салмона, во завет на Крит.

8. Пловејќи со мака покрај брегот, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое беше градот Ласеја.

9. Но кога помина многу време, а пловењето веќе беше опасно, зашто и постот веќе беше минал, Павле ги советуваше,

10. велејќи им: „Мажи, гледам дека пловењето ќе биде со мака и со голема загуба не само за товарот и бродот, туку и за нашите души.”

11. Но стотникот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот отколку на Павловите зборови.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 27