Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 26:2-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

2. ”Царе Агрипа, се чувствувам среќен, што можам да се бранам денес пред тебе, од сè што ме обвинуваат Јудејците;

3. толку повеќе што ти ги познаваш добро јудејските обичаи и нивните препирки. Затоа те молам да ме ислушаш со трпение.

4. Каков беше мојот живот од младини, што го поминав најпрвин меѓу својот народ во Ерусалим, тоа го знаат сите Јудејци,

5. зашто ме познаваат од почетокот (ако сакаат да посведочат), дека живеев како фарисеј, според најстрогата следба на нашата религија.

6. И сега стојам пред судот заради надежта во ветувањето, што Бог им го даде на нашите татковци,

7. а за кое нашите дванаесет племиња се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи постојано ноќе и дење. Заради таа надеж, царе, Јудејците ме обвинуваат.

8. Зошто при вас се смета за неверојатно, дека Бог воскреснува мртви?

9. И јас мислев дека треба да вршам многу нешта против името на Исуса Назареецот;

10. што и го правев во Ерусалим; откако добив овластување од првосвештениците затворив мнозина од светите во темница, а кога ги убиваа давав глас за тоа.

11. И многупати ги мачев во сите синагоги и ги принудував да хулат; и прекумерно разјарен против нив, ги гонев и по туѓите градови.

12. Кога за тоа патував во Дамаск со власт и налог од првосвештениците,

13. на сред бел ден, на патот, царе, видов светлина од небото, посилна од сончевиот блесок, која нè осветли мене и оние, кои патуваа со мене;

14. и кога сите паднавме на земја, чув глас, кој ми зборуваше на еврејски јазик: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко ти е да се риташ против остенот!’

15. А јас реков: ‘Кој си Ти Господине?’ Господ рече: ‘Јас сум Исус, Кого Ти го гониш.

16. Но стани и застани на своите нозе; зашто затоа ти се јавив, за да те назначам за служител и за сведок како за ова што го виде, така и за она во кое ќе ти се Објавам;

17. избавувајќи те од луѓево и од народите, при кои те праќам сега,

18. за да им ги отвориш очите, и да се обрнат од темнината кон светлината; од сатанската власт кон Бога, и преку верата во Мене да примат опростување на гревовите и наследство меѓу осветените.’

19. Затоа, царе Агрипа, не му бев непокорен на небесното видение;

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 26