Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 19:15-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Но лошиот дух во одговор им рече: „Го познавам Исуса и Павле го знам,

16. но кои сте вие?” И човекот во кого беше лошиот дух, скокна на нив, ги совлада сите и покажа против нив таква сила, што голи и ранети побегнаа од таа куќа.

17. Тоа го научија сите Јудејци и Грци, кои живееја во Ефес и страв ги обзеде сите, а името на Господа Исуса се величаше.

18. А мнозина од оние, кои беа поверувале, доаѓаа и исповедувајќи се ги кажуваа своите дела.

19. А од оние, кои се занимаваа со магии, мнозина ги донесуваа своите книги на куп и ги гореа пред сите. И кога ја пресметаа нивната цена, најдоа дека вредат педесет илјади сребреници.

20. Така Господовото слово растеше силно и преовладуваше.

21. Кога се сврши тоа, Павле науми во духот, поминувајќи низ Македонија и Ахаја, да отиде во Ерусалим, велејќи: „Штом ќе бидам таму, треба да го видам и Рим.”

22. И испрати во Македонија двајца свои помошници, Тимотеја и Ераста, а самиот остана уште некое време во Азија.

23. Во тоа време се подигна не мал бунт заради Патот;

24. зашто некој човек, по име Димитриј, сребренар, кој правеше сребрени Артемидини храмови и на уметниците им донесуваше не мала печалба;

25. ги собра и нив и работниците на такви нешта и рече: „Мажи, вие знаете дека нашата благосостојба доаѓа од оваа работа;

26. а гледате и слушате дека овој Павле, не само во Ефес туку речиси во цела Азија, убеди и одврати големо множество, велејќи дека богови направени со раце - не се богови.

27. Но не постои само опасност да изгуби углед ова наше занимање, туку и храмот на големата божица Артемида нема да биде сметан за ништо, и да му се наштети на величието на онаа, која ја почитува сета Азија и целиот свет.”

28. Кога го чуја тоа, полни со гнев, викаа, велејќи: „Голема е ефеската Артемида!”

29. И целиот град се побуни и еднодушно навлегоа во театарот и ги одвлекоа Македонците Гај и Аристарх, Павлови сопатници.

30. А кога Павле сакаше да влезе, меѓу народот, учениците не го пуштија.

31. А некои од азиските началници, кои му беа пријатели; испратија при него и го помолија да не се појавува во гледалиштето.

32. Едни викаа едно, а други - друго, зашто собранието беше збунето и повеќето не знаеја зошто се беа собрале.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 19