Стар Завет

Нов Завет

2 Петар 2:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А имаше и лажни пророци во народот, како што ќе има и меѓу вас лажни учители, кои тајно ќе внесуваат гибелни кривоверства и ќе Го одречуваат Господа, Кој ги откупил, навлечувајќи врз себе брза погибел.

2. И мнозина ќе тргнат по нивната разузданост, заради кои ќе се хули патот на вистината.

3. И во лакомство ќе ве искористуваат со измислени зборови, но нивното осудување е одамна готово и нивната гибел не дреме.

4. Зашто ако Бог не ги поштеди ангелите, кои згрешија, туку ги фрли во мрачните бездни и ги предаде да бидат чувани за судот;

5. и ако не го поштеди стариот свет, туку го запази само Ное, проповедникот на правдата, со уште седум души, кога наведе потоп врз безбожничкиот свет;

6. ако ги осуди на пропаст градовите Содом и Гомор и ги претвори во пепел, и ги постави за пример на идните безбожници;

7. и ако го избави праведниот Лот, кого го мачеше развратниот живот на беззакониците,

8. - зашто овој праведник, живеејќи меѓу нив, ја измачуваше одденнаден својата праведна душа, гледајќи ги и слушајќи ги нивните беззаконски дела, -

9. тоа значи дека Господ знае како да ги избави побожните од искушенија, а неправедните да ги запази за казнување до денот на судот;

10. а особено оние, кои одат по нечистите похоти на телото и го презираат господството. Како дрски и своеволни луѓе тие не се плашат да ги хулат величествата,

11. додека ангелите, кои се поголеми по сила и снага, не изговараат хулна осуда против нив пред Господа.

12. А овие, како неразумни животни, кои се по природа определени да бидат ловени и истребувани, хулат на она што не го знаат, и самите ќе загинат во својот разврат,

13. добивајќи казна за неправдата. Тие го сметаат развратниот живот дење за своја наслада, валкани и срамни се тие, кои се честат со своите измами кога се гостат со вас.

14. Нивните очи се полни со прељуба и не се одречуваат од гревот; тие ги заведуваат неутврдените души: имаат срце научено на лакомство; тие се деца на проклетството.

Прочитајте целосна глава 2 Петар 2