Стар Завет

Нов Завет

2 Коринќаните 12:1-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Немам полза ако се фалам, но сепак ќе дојдам до виденијата и откровенијата Господови.

2. Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, не знам дали во телото, не знам дали вон телото, Бог знае, беше грабнат и издигнат до третото небо.

3. И за таквиот човек знам, не знам дали во телото, не знам дали вон телото, Бог знае -

4. дека беше грабнат и издигнат до рајот и дека чул неискажливи зборови, што човекот не смее да ги каже.

5. Ќе се фалам со таков човек, а со себеси нема да се фалам, освен со своите слабости.

6. Зашто, ако би посакал да се фалам; нема да бидам неразумен, зашто би ја зборувал вистината. Но се воздржувам, за да не помисли некој за мене повеќе, отколку што во мене гледа или од мене слуша.

7. И за да не се возвишам поради прекумерните откровенија, даден ми е трн во телото, сатанин ангел, за да ме удира, за да не се возвишам.

8. Трипати го молев Господа за тоа, за да го отстрани од мене.

9. И Тој ми рече: „Доста ти е Мојата благодат, зашто Мојата сила се покажува совршена во слабоста.” Затоа, со поголема радост ќе се фалам во своите слабости, за да се всели во мене Христовата сила.

10. Останувам со добра волја во: слабостите, навредите, неволјите, прогонувањата, притеснувањата заради Христа, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен.

11. Станав безумен; вие ме принудивте.Требаше вие да ме препорачувате, зашто во ништо не сум подолен од најпрвите апостоли, ако и не сум ништо.

Прочитајте целосна глава 2 Коринќаните 12