поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13

Стар Завет

Нов Завет

2 Коринќаните 12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Немам полза ако се фалам, но сепак ќе дојдам до виденијата и откровенијата Господови.

2. Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, не знам дали во телото, не знам дали вон телото, Бог знае, беше грабнат и издигнат до третото небо.

3. И за таквиот човек знам, не знам дали во телото, не знам дали вон телото, Бог знае -

4. дека беше грабнат и издигнат до рајот и дека чул неискажливи зборови, што човекот не смее да ги каже.

5. Ќе се фалам со таков човек, а со себеси нема да се фалам, освен со своите слабости.

6. Зашто, ако би посакал да се фалам; нема да бидам неразумен, зашто би ја зборувал вистината. Но се воздржувам, за да не помисли некој за мене повеќе, отколку што во мене гледа или од мене слуша.

7. И за да не се возвишам поради прекумерните откровенија, даден ми е трн во телото, сатанин ангел, за да ме удира, за да не се возвишам.

8. Трипати го молев Господа за тоа, за да го отстрани од мене.

9. И Тој ми рече: „Доста ти е Мојата благодат, зашто Мојата сила се покажува совршена во слабоста.” Затоа, со поголема радост ќе се фалам во своите слабости, за да се всели во мене Христовата сила.

10. Останувам со добра волја во: слабостите, навредите, неволјите, прогонувањата, притеснувањата заради Христа, зашто кога сум слаб, тогаш сум силен.

11. Станав безумен; вие ме принудивте.Требаше вие да ме препорачувате, зашто во ништо не сум подолен од најпрвите апостоли, ако и не сум ништо.

12. Апостолските знаци направени се меѓу вас во секакво трпење, во знаци, чудеса и сили.

13. Во што добивте помалку од другите цркви, освен што јас не ви бев товар. Простете ми ја таа вина!

14. Еве, готов сум да дојдам при вас и по третпат, и нема да ви бидам товар, зашто не го барам вашето, туку вас. Зашто, децата не се должни да печалат блага за родителите, туку родителите за децата.

15. А јас со најголемо задоволство ќе потрошам сè и самиот ќе се потрошам за вашите души. Кога јас ве љубам толку многу; ќе бидам ли јас помалку љубен?

16. Па нека биде! Не ви бев товар, но како итар човек ве добив со измама.

17. Дали ве искористив преку некој од оние, кои ви ги испратив?

18. Го замолив Тит и со него го испратив оној брат. Зар Тит ве исползува? Зар не одевме во ист дух? Не по истите ли стапки?

19. Вие одамна мислите дека се оправдуваме пред вас! Пред Бога, во Христа, зборуваме, а сè е тоа, возљубени мои, за ваша надградба.

20. Зашто се плашам, кога ќе дојдам, да не ве најдам такви, какви што ве сакам; и да не се најдам и јас пред вас таков, каков што вие не ме сакате; да нема меѓу вас: кавги, зависти, гнев, соперништво, клевети, гордости, немири;

21. и кога ќе дојдам пак, да не ме понизи мојот Бог пред вас и да не треба да плачам за мнозина, кои згрешиле порано, а не се покајале за нечистотата, и блудството, и срамотата, што ги направиле.