Стар Завет

Нов Завет

1 Петар 4:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И така, бидејќи Христос пострада во телото за нас, вооружете се и вие со истата мисла - зашто кој пострадал во тело прекинал од гревот,

2. та останатото време на животот, во телото, да не го поминете според човечките страсти, туку според Божјата волја.

3. Зашто доста е што во минатото време ја вршевте волјата на народите со тоа што живеевте во разврати, во страсти, во пијанства, во гозби, во опијанувања и во беззаконско идолопоклонство.

4. Затоа сега и се чудат дека вие не трчате со нив во истата крајност на развратот, и ве хулат;

5. тие ќе Му дадат сметка на Оној, Кој е готов да им суди на живите и мртвите.

6. Имено, затоа им е проповедано Евангелието и на оние кои се сега мртви, за тогаш да беа судени по човечки во телото, а со духот сега да живеат според Бога.

7. А крајот на сè е близу. И така, бидете разумни и бдејте во молитвите.

8. Пред сè имајте постојана љубов меѓу себе, зашто љубовта покрива многу гревови.

9. Бидете гостољубиви еден кон друг без негодување.

10. Бидејќи секој од вас добил дар, служете си со него еден на друг, како добри домоуправители на многукратната Божја благодат.

11. Ако некој говори, нека зборува како Божји зборови; ако некој служи, нека служи како по силата, која Бог ја дава, за да се слави во сè Бог преку Исуса Христа, Кому Му припаѓаат славата и силата во сите векови. Амин.

12. Возљубени мои, не чудете се на огненото испитување, што се појави меѓу вас, за да ве искуша, како да ви се случува нешто необично,

13. туку, радувајте се дека соучествувате во Христовите страдања, за да можете да се радувате и да се веселите при откровението на Неговата слава.

Прочитајте целосна глава 1 Петар 4