Стар Завет

Нов Завет

1 Јован 3:13-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Не чудете се, браќа, ако светот ве мрази.

14. Ние знаеме дека преминавме од смртта во живот, зашто ги љубиме браќата. Кој не го љуби братот свој, тој пребива во смртта.

15. Секој, кој го мрази својот брат, е човекоубиец, а знаете дека во ниеден човекоубиец не пребива вечен живот.

16. По тоа ја познавме љубовта, што Тој го положи својот живот за нас; и ние сме должни да ги положиме своите животи за браќата.

17. А кој има светски блага и го види брата си во немаштина, па го затвори своето срце кон него, како ќе остане Божјата љубов во него?

18. Дечиња мои, да не љубиме со зборови или само со јазикот, туку во дело и вистина.

19. По тоа ќе познаеме дека сме од вистината, па ќе ги увериме своите срца пред Него,

20. зашто кога нашето срце нè осудува, Бог е поголем од нашето срце и знае сè.

21. Возљубени, ако срцето не нè осудува, имаме смелост пред Бога,

22. и што и да Го замолиме, примаме од Него, зашто ги пазиме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него.

23. А Неговата заповед е оваа: да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал.

24. И кој ги пази Неговите заповеди, останува во Него и Тој - во него. И по тоа знаеме дека Тој останува во нас: по Духот Кого ни Го дал.

Прочитајте целосна глава 1 Јован 3