поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Стар Завет

Нов Завет

1 Јован 3 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Гледајте каква љубов ни дал Таткото: да се наречуваме Божји деца. А тоа и сме! Затоа светот не нè познава нас, зашто не Го позна Него.

2. Возљубени, сега сме Божји деца, и уште не се откри што ќе бидеме; но знаеме: кога ќе се открие ќе Му бидеме слични, зашто ќе Го гледаме Онаков Каков што е.

3. И секој кој ја има оваа надеж во Него, се очистува самиот, како што е и Тој чист.

4. Секој кој врши грев, врши и беззаконие; и гревот е беззаконие.

5. И знаете дека Тој се јави за да ги отстрани гревовите, а во Него нема грев.

6. Секој кој останува во Него, не греши; секој кој греши, не Го видел Него, ниту Го познал.

7. Дечиња, никој да не ве заблудува. Кој врши правда праведен е, како што е Тој праведен.

8. Кој врши грев од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Затоа се јави Божјиот Син, за да ги разурне делата на ѓаволот.

9. Секој, Кој е роден од Бога не врши грев, зашто Неговото семе останува во него; и не може да греши, зашто е роден од Бога.

10. По ова се познаваат Божјите деца и ѓаволските деца: секој, кој не врши правда и не го љуби својот брат, не е од Бога.

11. Зашто ова е веста што ја чувте од почеток: да се љубиме еден со друг!

12. Не како што Каин беше од лукавиот и го уби брата си. И зошто го уби? Зашто неговите дела беа зли, а на брата му - праведни.

13. Не чудете се, браќа, ако светот ве мрази.

14. Ние знаеме дека преминавме од смртта во живот, зашто ги љубиме браќата. Кој не го љуби братот свој, тој пребива во смртта.

15. Секој, кој го мрази својот брат, е човекоубиец, а знаете дека во ниеден човекоубиец не пребива вечен живот.

16. По тоа ја познавме љубовта, што Тој го положи својот живот за нас; и ние сме должни да ги положиме своите животи за браќата.

17. А кој има светски блага и го види брата си во немаштина, па го затвори своето срце кон него, како ќе остане Божјата љубов во него?

18. Дечиња мои, да не љубиме со зборови или само со јазикот, туку во дело и вистина.

19. По тоа ќе познаеме дека сме од вистината, па ќе ги увериме своите срца пред Него,

20. зашто кога нашето срце нè осудува, Бог е поголем од нашето срце и знае сè.

21. Возљубени, ако срцето не нè осудува, имаме смелост пред Бога,

22. и што и да Го замолиме, примаме од Него, зашто ги пазиме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него.

23. А Неговата заповед е оваа: да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал.

24. И кој ги пази Неговите заповеди, останува во Него и Тој - во него. И по тоа знаеме дека Тој останува во нас: по Духот Кого ни Го дал.