20. зашто и созданието не ѝ се покори на суетата доброволно, туку по волјата на Оној Кој го покори, а со надеж,
21. дека и самото создание ќе се ослободи од ропството на распадливоста при славното ослободување на чедата Божји.
22. Зашто знаеме дека целото создание заедно со нас стенка како во породилни болки.
23. И не само тоа, туку и ние самите, кои ги имаме првините на Духот, воздивнуваме во себе, очекувајќи посинување и откупување на нашето тело.
24. Зашто со таа надеж бевме спасени. А надежта што се гледа не е вистинска надеж. Зашто, кој би се надевал во тоа што го гледа?
25. Кога се надеваме, пак, на она што не го гледаме, со трпение го очекуваме.
26. Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување.
27. А Оној Кој ги истражувал срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата на Бога посредува за светиите.
28. А знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро;
29. зашто оние, кои однапред ги позна, нив и ги предопредели да бидат сообразни со ликот на Неговиот Син, та Тој да биде првороден меѓу многуте браќа.
30. А оние што ги предопредели, тие и ги повика, и кои ги повика, тие и ги оправда; кои ги оправда, тие и ги прослави.
31. Што да речеме, пак, на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?
32. Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сѐ?
33. Кој ќе ги обвини избраниците Божји? Бог е Тој Кој ги оправдува!