3. И видов дека една од главите негови како да беше смртно ранета, но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот;
4. и му се поклонија на змевот, кој му беше дал власт на ѕверот; му се поклонија и на ѕверот, велејќи: „Кој е како ѕверот, и кој може да војува со него?“
5. Нему му се даде уста што зборуваше големи зборови и богохулства; и му се даде власт така да прави четириесет и два месеци.
6. Тогаш ја отвори устата за хулење против Бога за да го навредува името Негово, живеалиштето Негово и оние што живеат на небото.
7. И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ.
8. И ќе му се поклонат сите земни жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот на Јагнето заклано, од создавањето на светот.
9. Кој има уво, нека чуе:
10. кој во прогонство води, во прогонство ќе биде одведен; кој со меч убива, од меч треба да биде убиен. Тука е трпението и верата на светиите.
11. И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне и зборуваше како змевот.