1. И кога излезе Исус од храмот и си одеше, Му пријдоа учениците Негови за да Му ги покажат градбите на храмот.
2. А Исус им рече: „Не го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ниту камен на камен, а да не биде урнат.“
3. И кога седеше на Маслиновата Гора, Му пријдоа учениците Негови насамо и Му рекоа: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?“
4. А Исус им одговори и рече: „Пазете се, да не ве излаже некој;
5. зашто многумина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина.
6. Ќе слушате за војни и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот.
7. Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство, и на места ќе има глад, помор и потреси;
8. а сето тоа е почеток на страдањата.
9. Тогаш ќе ве предадат на мачење и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име.
10. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат;