23. Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И откако пристапија до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, зашто вика по нас.“
24. А Тој одговори и рече: „Јас сум пратен само кај загубените овци на домот израилев.“
25. Но таа, кога пристапи, Му се поклони и велеше: „Господи, помогни ми!“
26. Тој, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“
27. Но таа Му рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на своите господари.“
28. Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!“ И во тој час оздраве ќерката нејзина.
29. Штом замина оттаму, Исус дојде кај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму.
30. И дојде кај Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, сакати и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги исцели,
31. така што народот се восхитуваше гледајќи како неми зборуваат, сакати оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израилев.
32. А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто три дни веќе стојат кај Мене и немаат што да јадат; а да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот.“
33. Но учениците Негови Му рекоа: „Од каде при нас толку леб во пустинава за да се нахрани толку народ?“
34. Исус ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум и неколку рипчиња.“
35. Тогаш му заповеда Исус на народот да поседне по земјата.
36. И откако ги зеде седумте лебови и рибите, заблагодари, ги прекрши и им ги даде на учениците Свои, а учениците – на народот.