43. Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе!“
44. „Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и сокрил, па, од радост за него, оди и продава сѐ што има, и ја купува таа нива.“
45. „Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери;
46. па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“
47. „Царството небесно прилега уште и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби;
48. и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат надвор.
49. Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните,
50. и ќе ги фрлат во огнена печка: таму ќе има плач и крцкање со заби.“
51. И ги праша Исус: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“
52. А Тој им рече: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од својата ризница ново и старо.“
53. И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму.
54. А штом дојде во Својот роден крај, ги поучуваше во синагогата нивна, така што сите се чудеа и велеа: „Од каде кај Него ваква мудрост и моќ?
55. Нели е Овој син на дрводелецот? Мајка Му нели се вика Марија, и браќата Негови – Јаков и Јосија, Симон и Јуда?
56. И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа кај Него?“
57. И се соблазнуваа заради Него. А Исус им рече: „Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов.“
58. И не направи таму многу чуда поради нивното неверие.