24. И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива.
25. Но, додека спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеја меѓу житото какол, па си отиде.
26. А кога израсна растението и донесе род, тогаш се појави и каколот.
27. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘
28. А тој им рече: ‚Непријателот го направи тоа!‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘
29. Но тој им рече: ‚Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито;
30. оставете нека расте и едното и другото, заедно до жетвата; а за време на жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да изгори; а, житото приберете го во мојата житница.‘“
31. И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на синапово зрно, кое човек го зел и го посеал на нивата своја;
32. Тоа е најмало од сите семиња, но кога ќе израсне, поголемо е од сите зеленчуци, па станува дури и дрво, така што птиците небески долетуваат и се вгнездуваат на неговите гранки.“