18. А кога влезе во коработ, оној, што беше бесомачен, Го помоли да биде со Него.
19. Исус не му дозволи, но му рече: „Оди дома кај своите, па раскажи им што стори Господ за тебе и како те помилува.“
20. Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа.
21. А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, кај Него се собра многу народ. И беше покрај морето.
22. И ете, дојде еден од старешините на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови
23. и усрдно Го молеше многу, говорејќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!“
24. И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа.
25. Една жена, што боледуваше од крвотечение дванаесет години,
26. и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и без никаква полза, а ѝ станало дури уште полошо,
27. штом чу за Исус, дојде меѓу народот одзади и се допре до облеката Негова;
28. зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеките Негови, ќе оздравам.“
29. И веднаш престана крвотечението, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста.