1. Почеток од Евангелието на Исус Христос, Син Божји.
2. Како што е напишано кај пророците: „Еве, Јас го испраќам пред лицето Твое Мојот ангел, кој ќе го подготви Твојот пат пред Тебе:
3. ‚Гласот на оној, што вика во пустината: подгответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови.‘“
4. Се јави Јован, крштевајќи во пустината и проповедајќи покајно крштевање за проштевање на гревовите.
5. И доаѓаа кај него од целата Јудејска земја и од Ерусалим, и сите се крштеваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови.
6. А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и јадеше скакулци и див мед.
7. Тој проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.
8. Јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крсти со Дух Свети.“
9. А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јован во Јордан.
10. И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува над Него.
11. И се чу глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја.“
12. Веднаш потоа Духот Го изведе во пустината.
13. И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеа.
14. А потоа, откако Јован беше предаден, дојде Исус во Галилеја и го проповедаше Евангелието за царството Божјо,
15. и велеше: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието.“