1. Во втората сабота по Пасха се случи да мине низ посевите, учениците Негови кинеа класје и, триејќи ги со раце, јадеа.
2. А некои од фарисеите им рекоа: „Зошто го правите тоа што не е допуштено да се прави во сабота?“
3. Исус им одговори и рече: „Зар не сте читале што направи Давид кога огладне, тој и оние што беа со него?
4. Како влезе во домот Божји, ги зеде лебовите на предложението, што не е допуштено да ги јаде никој освен свештениците, па јадеше, и им даде на оние што беа со него!“
5. И им рече: „Синот Човечки е господар и на саботата.“
6. Се случи и другата сабота да влезе во синагогата и да поучува; а таму имаше еден човек, кому десната рака му беше исушена.
7. Книжниците и фарисеите внимаваа на Него, дали ќе го излекува во сабота, за да најдат причина да Го обвинат.
8. Но Тој ги знаеше нивните помисли и му рече на човекот со исушената рака: „Подигни се и застани насреде!“ И тој се подигна и застана.
9. Тогаш им рече Исус: „Ќе ве запрашам: што е дозволено во сабота – да се прави добро или да се прави зло? Да се спаси една душа или да се погуби?“ А тие молчеа.
10. Па, откако ги изгледа сите, му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!“ Тој направи така; и раката му стана здрава како другата.
11. А тие се исполнија со гнев и се советуваа меѓу себе што да Му направат на Исус.
12. Тие денови се искачи на една гора за да се помоли, и ја помина целата ноќ во молитва кон Бога.
13. А кога настана ден, ги повика учениците Свои и од нив избра дванаесет, кои ги нарече апостоли:
14. Симон, кому што му даде име Петар, и брат му Андреј, Јаков и Јован, Филип и Вартоломеј,
15. Матеј и Тома, Јаков Алфеев и Симон, наречен Зилот.
16. Јуда Јаковов и Јуда Искариотски, кој стана предавник.
17. Па откако слезе заедно со нив, Тој се задржа на едно рамно место; беа таму и мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим и од приморјето Тирско и Сидонско.
18. Тие беа дојдени да Го слушаат и да се исцелат од болестите свои, а и оние што страдаа од нечисти духови беа излечени.