1. Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Тој стоеше покрај Генисаретското езеро.
2. И виде два кораба што стоеја покрај езерото; а рибарите беа излегле од нив и ги плавеа мрежите.
3. Тој влезе во еден од корабите, кој беше на Симон, па го замоли да отплови малку од брегот, па седна и почна да го поучува народот од коработ.
4. А штом престана да говори, му рече на Симон: „Заплови кон длабочините и фрлете ги мрежите свои за лов!“
5. Но Симон Му одговори и рече: „Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твојот збор ќе ја фрлам мрежата.“
6. И штом го направија тоа, уловија толку големо количество риба, што дури и мрежата им се кинеше.
7. И им дадоа знак на другарите што беа во другиот кораб да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија двата кораба, така што почнаа да тонат.
8. А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек!“
9. Зашто него, и сите што беа со него, ги беше обзел страв од ловот на рибите, што ги уловија,
10. а исто така и Јаков и Јован, синовите Заведееви, кои му беа другари на Симон. И му рече Исус на Симон: „Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе!“
11. Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сѐ и тргнаа по Него.
12. А кога беше Исус во еден град, ете човек, сиот лепрозен, штом Го виде Исуса, падна ничкум и молејќи Му се, рече: „Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш.“