2. И на вечерата, кога ѓаволот беше вметнал во срцето на Јуда Симонов Искариотски за да Го предаде,
3. Исус, знаејќи дека Отецот сѐ Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека кај Бога се враќа,
4. стана од вечерата, ја соблече својата горна облека, зеде крпа и се препаша;
5. потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше препашан.
6. Дојде и кај Симон Петар, а тој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?“
7. Исус одговори и му рече: „Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.“
8. Петар Му рече: „Никогаш Ти нема да ми ги миеш нозете!“ Исус му одговори: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене!“
9. Симон Петар Му рече: „Господи, тогаш не само нозете мои, туку и рацете и главата!“
10. Исус му одговори: „На измиениот треба само нозете да му се измијат, зашто целиот е чист, а вие сте чисти, но не сите.“
11. Бидејќи знаеше кој ќе го предаде, па затоа и рече: „Не сте сите чисти.“
12. А кога им ги изми нозете, ја облече облеката своја и седна пак на трпезата, па им рече: „Знаете ли што ви направив?
13. Вие Ме нарекувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи сум.
14. Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да си ги миете нозете.
15. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас.