15. Оние, што го придружуваа Павле, го доведоа до Атина и се вратија со заповед од него до Сила и Тимотеј, да дојдат и тие поскоро кај него.
16. И додека ги чекаше нив во Атина, духот на Павле се вознемируваше, гледајќи го градот, полн со идоли.
17. И тој расправаше во синагогата со Јудејците и побожните, и секој ден на плоштадот со оние што ќе ги сретнеше.
18. А некои епикурејски и стоички филозофи почнаа да се препираат со него; едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?“, а други: „Се чини дека тој проповеда туѓи божества“, зашто им благовестеше за Исус и за воскресението.
19. И зедоа, та го одведоа на Ареопагот, велејќи: „Ќе можеме ли да знаеме какво е тоа учење што го проповедаш?
20. Бидејќи нешто непознато внесуваш во ушите наши. Затоа сакаме да знаеме што е тоа.“
21. А, пак, сите атињани, како и туѓинците, кои живееја кај нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа да зборуваат или да слушаат за нешто ново.
22. Тогаш Павле застана сред Ареопагот и рече: „Луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни.
23. Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: ‚На непознатиот Бог.‘ За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам.
24. Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него; Тој, Кој е Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворени храмови,
25. ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, здив и сѐ.