26. Одеднаш настана голем потрес, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа.
27. А стражарот на затворот, кога дојде при свест и ги виде вратите на затворот отворени, извади меч и сакаше да се убие, зашто помисли дека затворениците избегале.
28. Но Павле викна со силен глас и рече: „Не задавај си врз себе никакво зло, бидејќи сите сме овде!“
29. А тој побара светло, истрча и растреперен падна пред Павле и Сила;
30. па, откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да направам, па да се спасам?“
31. А тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус Христос, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“
32. И му го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во куќата негова.
33. Во истиот час таа ноќ тој ги прими дома и им ги изми раните. Потоа веднаш беше крстен тој самиот и сите негови домашни.
34. Тогаш ги одведе горе во својата куќа, постави трпеза и се зарадува со целиот свој дом, зашто поверува во Бога.
35. А кога осамна, војводите пратија судски служители, кои рекоа: „Пушти ги оние луѓе!“
36. Затворскиот стражар му соопшти за тоа на Павле: „Градските судии пратија да ве ослободам. Затоа, излезете сите и одете си со мир!“
37. Но Павле им рече: „Зарем откако нас, римски граѓани, нѐ биеја пред народот без суд и нѐ фрлија в затвор, сакаат сега тајно да нѐ пуштат? Не, нека дојдат и сами нека нѐ изведат!“