25. А кога Јован го завршуваше своето дело, прашуваше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Тој, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни обувките на Неговите нозе.‘
26. Мажи браќа, синови од родот на Авраам, оние меѓу вас, што имаат страхопочит кон Бога, нам ни е испратено словото на ова спасение.
27. Всушност жителите ерусалимски и нивните началници, бидејќи не Го препознаа, ги потврдија пророчките зборови, што се читаат секоја сабота, со тоа што Го осудија.
28. И така, иако не најдоа никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилат да Го убие.
29. А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од крстот и Го положија в гроб.
30. Но Бог Го воскресна од мртвите.
31. А Тој во текот на многу дни им се јавуваше на оние, што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим и кои се сега сведоци Негови пред народот.
32. И ние сега ви благовестуваме дека ветувањето, дадено на нашите татковци, Бог го исполни на нас, чедата нивни, откако Го воскресна Исус.
33. Како што е во вториот псалм напишано: ‚Син Мој си Ти, денес Те родив Јас.‘
34. А дека Го воскресна од мртвите, и дека веќе нема да се враќа во распаѓање, рекол вака: ‚Ќе ви ги дадам сигурните ветувања дадени на Давид.‘
35. За тоа и на друго место зборува: ‚Нема да допуштиш Твојот светец да види распаѓање.‘
36. А навистина Давид, откако му служеше на својот род, според Божјата волја, се присоедини кон татковците и виде распаѓање;
37. но Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање.
38. И така, знајте, мажи и браќа дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите.
39. И од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, преку Него се оправдува секој кој верува.
40. Затоа внимавајте да не дојде на вас она што е речено во Пророците:
41. ‚Погледнете вие кои презирате, зачудете се и исчезнете! Зашто во ваше време ќе извршам дело, во кое немаше да поверувате, ако некој би ви го раскажал.‘“