9. „Нареди им на Арона и на неговите синови: обредот за жртва паленица е ваков: жртвата паленица нека остане на жарта во жртвеникот цела ноќ до утрото; и оган нека гори непрекратно на жртвеникот.
10. Свештеникот нека облече врз себе ленена кошула, нека навлече ленени гаќи врз своето тело; потоа нека ја собере пепелта во што огнот ја претвори паленицата на жртвеникот, и нека ја остави покрај жртвеникот.
11. Потоа нека ја соблече својата облека и нека облече друга, па нека ја однесе пепелта на чисто место надвор од логорот.
12. Огнот на жртвеникот треба да гори секогаш; не смее да гасне. Секое утро, свештеникот нека реди дрва и тогаш нека ја положи жртвата паленица врз него. Таму нека го изгорува лојот од помирителната жртва.
13. Огнот на жртвеникот нека гори непрекратно; нека не гасне.”
14. „Ова е закон за лебниот принос: Ароновите синови нека го принесуваат во присуство на Господа пред жртвеникот.
15. Откако еден од нив земе грст чисто брашно и масло од лебниот принос и сиот темјан што ќе биде на него, откако тоа ќе го изгори на жртвеникот како спомен-жртва, пријатен мирис пред Господа,
16. остатокот - во вид на бесквасни лебови - нека го изедат Арон и неговите синови; нека го јадат на посветеното место: во дворот на Шаторот на средбата.
17. Нека не се пече со квас. Тоа е дел од жртвите, палени за Мене, што Јас им го давам - најсветиот дел, исто како и приносот за грев и приносот за престап.
18. Секое машко од Ароновото потомство може да го јаде тој дел од жртвите палени на Господа, и тоа е вечен закон за сите ваши поколенија: кој и да се допре до нив, ќе биде осветен.”
19. Господ му рече уште на Мојсеја:
20. „Арон и неговите синови, на денот на нивното помазание, нека Му го принесат на Господа овој принос: десетина ефа од чисто пченично брашно како редовен лебен принос, половина наутро, а половина навечер.