13. Така Мојсеј го крена стапот врз Египетската Земја, а Господ го наврати источниот ветер на земјата: дуваше тој цел ден и цела ноќ. А кога се раздени, ветерот ги донесе скакулците.
14. Тие се разлетаа во сите краишта на Египет во голема густина: толкаво мноштво никогаш не ги било пред тоа, ниту пак некогаш ќе ги биде.
15. Ја покрија целата земја, така што се зацрнеа од нив. Ги изедоа растенијата во полето и сите плодни дрва што останаа по градот. Повеќе ништо не се зеленееше: ни дрвата, ниту полската трева во целиот Египет.
16. Фараонот ги повика брзо Мојсеја и Арона па им рече: „Згрешив против Господа, вашиот Бог, и против вас!
17. Простете ми ја навредата уште само овој пат и молете Го Господа, својот Бог, само да го отстрани од мене овој смртоносен бич!”
18. Кога Мојсеј си отиде од кај фараонот, го повикаа Господа,
19. и Господ го смени ветерот во силен западник, што ги потфати скакулците и ги однесе кон Црвеното Море. Ниту еден единствен скакулец не остана, ниту во кој и да е крај на Египет.
20. Ама Господ го закорави срцето на фараонот, и тој не ги пушти Израелците.
21. „Испружи ја раката кон небото - Господ му рече на Мојсеја - па нека се спушти темнина над Египетската Земја, темнина што ќе може да се опипа.”
22. Мојсеј ја протегна раката кон небото, и се спушти густа темнина на сета Египетска Земја: траеше три дни.
23. Три дни луѓето не можеа да се видат еден-друг, и никој не се помрдна од своето место. А во местата каде што живееја Израелците блескаше светлина.
24. Тогаш фараонот го повика Мојсеја и му рече: „Оди и искажи Му почитување на Господа! Ама вашиот добиток, крупниот и ситниот, нека остане тука. Вашите деца нека дојдат со вас!”